ПРЕС -КОНФЕРЕНЦИЈА: КОЗЛЕ ЌЕ ДОБИЕ НОВ ПАРК
- јуни 27, 2016
- 0
Спроти студентскиот дом ,,Гоце Делчев’’ и спроти Т.Ц ,,Олимпико’’ започна изградбата на третиот дел од паркот „Македонија“ кој ќе се реализира од средства на Општина Карпош и на Градот Скопје.
– Продолжуваме да го разубавуваме бул. Теодисиј Гологанов, покрај тоа што ги реконструираме фасадите, во соработка со градоначалникот на Град Скопје да го направиме овој убав парк, со вкупна големина од 10.000 квадратни метри, од кои 6.000 квадратни метри ќе биде хортикултурно уредување и зеленило, а останатите 4.000 квадратни метри ќе бидат партерно уредување со фонтана и детско игралиште. Урбаната опрема и осветлувањето ќе бидат финансирани од страна на локалната самоуправа. Целата инвестиција ќе чини 24 милиони денари, од кои 4 милиони денари ќе ги обезбеди градот Скопје, додека остатокот ќе биде финансиран од буџетот на Општина Карпош. Ова ќе биде уште едно убаво катче во Општината, и со тоа го финишираме бул. Теодосиј Гологанов, појасни во својата изјава за медиумите градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски.
Првиот човек на локалната самоуправа, истакна дека ова не е прва меѓусебна соработка со Градот Скопје, напоменувајќи дека се предвидени уште 7 останати проекти, со вкупна вредност од 13 милиони денари, кои треба да бидат завршени до ноември, меѓу кои се замена на атмосферски и фекални канализации, поставување на водоводна мрежа и сл. Притоа, најмногу ќе се градат во населените места Бардовци и Нерези. Градоначалникот Јакимовски напомена дека претходно се консултирани жителите на оваа населба, и во голем број изразиле задоволство од идејата за изградба на овој плоштад.
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски напомена дека ова е една од покрупните меѓуопштински инвестиции на Градот со Општината Карпош со која се подобрува квалитетот на животот на граѓаните од овој дел на Скопје, потенцирајќи дека ниту едно постојно дрво нема да биде исечено, туку напротив, дополнително 61 садник ќе биде засаден во овој парк.
– Оваа инвестиција Градот Скопје ќе го чини 4 милиони денари, од кои најголем дел ќе бидат потрошени за уредување на зелената површина. Се надеваме дека нашето претпријатие ,,Паркови и зеленило’’, со ист квалитет ќе го облагороди и овој преостанат трет дел од паркот ,,Македонија’’. Морам да напоменам дека имаме голема соработка со градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, во голем број на проекти со кои ќе се подигне квалитетот на живеење на граѓаните, конкретно во Општина Карпош, изјави градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.