Петоодделенецот Марко Коцески од ООУ “Петар Поп Арсов“, под менторство на наставничката Мирјана Патаракоска, го освои првото место на државниот натпревар по природни науки, кој се одржа на 15 јуни на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Ова постигнување на Марко е плод на неговата посветеност и љубов кон природните и техничките науки и е континуитет на низата успеси во оваа и изминатите учебни години.

Имено, оваа година тој освои прво место и на регионалниот и општинскиот натпревар по природни науки, прво место на регионалниот и општинскиот натпревар по математика, како и златен медал на малата македонска математичка олимпијада, под менторство на наставничката Ана Гарванлиева. Покажа одлични резултати и на други национални и меѓународни натпревари по информатика и математика, освојувајќи максимален број на поени. Со своите резултати ,Марко во најдобро светло го претставува своето училиште Петар Поп Арсов како и Општината Карпош.