Основци од  четврто одделение  од  ООУ „ Аврам Писевски“, од населбата Бардовци денеска беа во посета на Општина Карпош. Претседателот на Советот на Општина Карпош Андреј  Манолев  им ја објасни практичната работа на локалната самоуправа.  Четвртооделенците беа запознати со работата на градоначалникот на Општината, како  највисок извршен орган, потоа со работата на Советот на локалната самоуправа, и работата на општинската администрација.

 

Претседателот  Андреј  Манолев, исто така им  ги објасни надлежностите и обврските на една локална самоуправа во однос на заштита на животната средина, решавањето на комуналните проблеми,  инфраструктутните локални  потреби и  слично. Како спортски работник, и професор по физичка култура и воспитание,  Манолев  им потенцираше  на основците да се занимаваат  повеќе со спорт и спортски активности, како  основна  рекреативна дејност која го подобрува здравјето и позитивно им  влијае во растот и  развојот во нивните ученички години.