Денеска, во официјална посета на Општина Карпош, престојуваше генералниот секретар на АЛДА – Европската асоцијација за локална демократија, Антоанела Валморбида. За време на средбата со градоначалникот Сотир Лукровски, таа му го честиташе изборот за градоначалник и изрази задоволство од досегашната соработка меѓу Општина Карпош и АЛДА.

На средбата се разговараше за идните можности за унапредување на соработката помеѓу општината и АЛДА, при што беше потенцирано дека Општина Карпош е активен учесник во проектите на АЛДА и дека во 2026 година ќе учествува како партнер во повеќе меѓународни проекти. Во таа насока беше истакната и заедничката определба за продлабочување на соработката со Европската Унија преку нови иницијативи и програми од заеднички интерес.

Секретарот на Општина Карпош, Мирјана Пехчевска Поп Илиева, ја образложи идејата за формирање ресурсен центар за невладини организации, кој би функционирал во рамки на општината и би претставувал поддршка за граѓанскиот сектор. Претставниците на АЛДА ја поздравија иницијативата, изразија целосна поддршка и информираа дека АЛДА ќе се вклучи и ќе помогне во нејзината реализација.

На средбата присуствуваа и Катица Јанева, директорка на АЛДА Балкан, како и претставниците на АЛДА Скопје – Емир Чориќ и Ивана Велкова. Од страна на Општина Карпош, на состанокот учествуваа раководителката на Секторот за развој Александра Теова и помошник-раководителот Роберт Јанковски.

Градоначалникот Сотир Лукровски ги елаборираше своите визии за идниот развој на Општина Карпош, нагласувајќи ја важноста на партнерствата со меѓународни организации и желбата за заедничка реализација на проекти со поддршка на Европската Унија и АЛДА. Во тој контекст, од страна на АЛДА беше изразена подготвеност за поддршка и учество во настани и активности поврзани со одбележувањето на Скопје како Европска престолнина на културата за 2026 година, што беше оценето како значајна можност за промоција и развој на градот и општината.