ПО РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА „МАЈСКИ ЦВЕТ“– ПОДОБРИ УСЛОВИ ЗА 140 ДЕЧИЊА
- септември 22, 2020
- 0
После повеќе децении, објектот на градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1 доби нов лик. По неколкумесечна интензивна работа направена е реконструкција на сите тоалети, со што се подобрија хигиенско – санитарните услови во оваа предучилишна устамова Променети се прозорците и вратите, за да се подигне и енергетската ефикасност на градинката, но и да се намалат сметките за загревање за 30 отсто. Исто така, направена е целосна реконструкција на фасадата, на дел од кровната површина, како и на повеќе занимални.
Во посета на објектот, денеска беше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој уште во предизборната кампања во 2017 година вети реконструкција на оваа градинка, која во нормални услови згрижува 140 деца, а по протоколот за заштита од Ковид – 102.
- Среќен сум што и во услови на светска пандемија не застанаа активностите во поглед на зголемување на капацитетите во предучилишното образование. Конечно добивме нов лик на „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1. До овој момент, приемот на деца во оваа градинка, но и во сите други објекти во Карпош се одвива без поголеми проблеми. Сепак, никој не може да гарантира 100 отсто подготовеност, но покажавме дека можеме да гарантираме подобри услови во градинките, рече Богоев.
Локалната самоуправа изминатиот период направи и целосно нова градинка во Бардовци, објектот „Виножито“, којшто е клон на „Распеана младост“ и во нормални услови згрижува 78 деца. Исто така, градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2, доби целосно нов објект – цврста градба, кој може да згрижи 95 деца.
Директорката на објектот, Ангела Ангеловска-Усовска денеска информираше дека во рамки на објектот во Тафталиџе 1, предвидена е адаптација и на уште 3 – 4 занимални, затоа што новиот Протокол подразбира присуство на помалку деца во една занимална.
Предучилишното образование е важна алка во целиот систем. Со зголемувањето на капацитетите се овозможува секое дете да добие згрижување и едукација и на полесен начин да се адаптира во основното образование.
Како резултат на Ковид – 19 пандемијата сите градинки во Карпош работат по воспоставениот протокол од Комисијата за заразни болести.