Одбојкарките од ООУ „Јан Амос Коменски“ го освоија второто место, откако не успејаа да ги совладаат своите ривалки од ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, во вчерашниот финален меч од градското регионално првенство во одбојка за девојчиња, кое се одигра во спортската сала на ООУ „11 Октомври“.

 

Основките од Карпош го изборија својот пат  до финалето, откако во полуфиналето, убедливо ја совладаа домашната екипа од Општина Центар  ООУ „11 Октомври“  со 2:0 во сетови. Втората екипа од Општина Карпош, ООУ „Владо Тасевски“, го изгуби директниот дуел против тимот од  ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ (Општина Аеродром), со резултат од 2:0 во сетови.

 

Во финалето, одбојкарките од „Јан Амос Коменски“ покажаа одлична игра и солидна борбеност, освојувајќи го првиот сет. Но, во одлучувачките два сета, „аеродромките“ ги консолидираа своите редови и со конретен напад и фокусирана одбрана, заслужено дојдоа до првото место. И покрај поразот во финалето, може да се каже дека основките од „Коменски“ постигнаа огромен спортски успех, можеби историски за нивното училиште, бидејќи ќе ја претставуваат Општина Карпош на државно ниво. Имено, според правилата на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, двете најдобропласирани екипи од Скопје ќе учествуваат на претстојните училишни олимписки игри кои ќе се одржат во мај 2017 година.