ПИСАТЕЛОТ САВО КОСТАДИНОВСКИ ВО ПОСЕТА НА УЧЕСНИЦИТЕ ОД ООУ „ЛАЗО ТРПОВСКИ“
- септември 18, 2023
- 0
Афирмираниот писател Саво Костадиновски, кој повеќе од педесет години живее и твори во Германија (на германски и македонски јазик и има објавено повеќе од 130 книги) денеска за време на краткиот и планиран престој во Македонија, ги посети учесниците од ООУ „Лазо Трповски“ на Меѓународниот литературен натпревар за млади. Во оваа пригода Костадиновски одржа кратко литературно читање на кое им се претстави себеси и им подари свои авторски изданија на книги во знак на поддршка за долгата традиција на учество на овој реномиран натпревар на училиштето и во знак на благодарност за досегашната афирмација на Македонија во светски рамки.
ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје и годинава, 13. пат едноподруго, учествува на Меѓународниот литературен натпревар за млади во Токио, Јапонија, на кој досега има освоено три награди (2015, 2016 и 2021 година).
Натпреварот е во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио и се одржува во рамките на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој на образованието“ во главниот град на Јапонија. Овој глобален проект се реализира од 2020 до 2030 година и во него активно се вклучени сите земји-членки на УНЕСКО.
Покровител на натпреварот е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија.
Годинава на овој реномиран натпревар, на кој учествуваат учесници од речиси цел свет (само за споредба минатата година учествуваа учесници од 152 земји) со свои лични творби, напишани во форма на есеј на тема „Младите како идни креатори на мир во светот“, училиштето го претставуваат седум ученици: Лара Станчева, Тамара Ѓоќеска, Атанас Стаматовски, Берк Ѓунеш, Стефан Митревски, Миа Хаас и Галена Стојановска под менторство на предметниот наставник по германски јазик Стефан Симовски.
Организаторот наградените учесници ќе ги објави на 1. ноември годинава.