На педесет и петтата седница на советот на Општина Карпош, на дневен ред пред советниците се најдоа советничките прашања кои ги поставуваа до градоначалникот и до општинската администрација.

 Одговарајќи на прашањата поставени од советниците, градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јкимовски детално ги образложи веќе  реализираните и  проектите кои во моментот се работат на територијата на локалната самоуправа.

Првиот човек на Карпош, елаборираше за сите преземени инфраструктурни зафати во Општината поединечно, по урбани заедници, а патем ги наведе и предвидените проекти за во идниот период.  

Советниците на оваа седница, расправаа по дваесет и шест предлог точки од непосредно значење за граѓаните. На седницата, се усвоија заклучоците за годишните извештаи од работењето на четири градинки кои се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа. Исто така, советниците одобрија дополнителни средства за реконструкција на фасади на колективни станбени згради, а “виза” добија и стипендиите кои Општината ги дава за талентирани ученици и врвни спортисти од училиштата во Карпош. Членовите на Советот на Карпош ги разгледуваа барањата за реконструкција на лифтовите во неколку колективни станбени згради, и во конструктивна расправа, дебатираа како да се реши овој проблем на засегнатите граѓани.