Четвртоодделенците од ПОУ „Јахја Кемал“ денеска беа во посета кај градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, како дел од нивната практичната настава која е предвидена во рамки на предметот Историја и Општество. Љубопитните ученици поставуваа прашања поврзани со функционирањето на локалните институции, при што првиот човек на oпштината им даваше конкретни одговори и детално им објасни на кој принцип се темелат тие.

Младите основци беа најзаинтересирани за обврските  и надлежностите на градоначалникот, како Општината ги решава проблемите од областа на екологијата, спортот и културата, за начинот на кој функционира Советот на општината и каква е структурата на локалната самоуправа. Во оваа пригода, Јакимовски ги информираше учениците за улогата на општината врз развојот на локалната заедница и како може локалната самоуправа преку проекти да влијае на одржување на здравата животна средина и подобрување на животниот стандард на своите сограѓани.