Во рамки од манифестацијата „Денови на Општина Карпош“ со која се одбележуваат 48 години од основање на локалната самоуправа, денеска се одржаа финалните натпревари во неколку екипни спортови помеѓу учениците од основните училишта од Карпош. Во битката за победничкиот трон на спортското фудбалско игралиште во Влае се сретнаа екипите од ООУ„Христијан Тодоровски Карпош“ и ООУ„Владо Тасевски“ кои се покажаа како најуспешни после одиграните квалификациски мечеви.

Во прекрасна атмосфера со бројна поддршка за двете екипи, финалниот меч понуди навистина возбудлива, неизвесна и квалитетна пресметка. Имено, по завршување од регуларниот тек на натпреварот со резултат 0-0, победникот беше добиен по изведување на пеналите. Поуспешни во ударите од белата точка беа основците од „Христијан Тодоровски Карпош“ кои со минимални 4-3 успеаја да триумфираат и да го освојат првото место во фудбалскиот куп.
По завршувањето на возбудливиот финален меч, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски го додели победничкиот пехар и дипломите за учество во училишниот куп.
– Општина Карпош е голем подржувач на спортот и спортските активности, особено меѓу најмладите. Ние како локална самоуправа придонесуваме за поголем натпреварувачки дух меѓу основните училишта како и со настаните кои потикнуваат поголем дел од времето младите да го поминуваат со спортување, рекреација и дружење. На овој начин нашата општина ќе придонесе во животните лекции за победите и поразите со кои најмладите ќе ги имаат во иднина – рече Јакимовски.