На традиционалниот меѓународен училишен  натпревар за воздушен и вселенски сообраќај  одржан  во Берлин, главниот град на СР Германија, четвртоодделенците од ООУ „ Лазо Трповски“ освоија награда за својот проект „ Ние и Ербас“. Под менторство на предметните професори Елена Угриноска и Стефан Симовски, основците од ова карпошово училиште успешно ја поминаа прелиминарната фаза и се пласираа во најдобрите десет проекти, кои беа изработени и презентирани на овој меѓународен образовен турнир.

Натпреварот беше организиран од страна на Сојузното германско здружение за  воздушна и вселенска индустрија од Берлин во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузното министерство за образование и истражување на Германија, како и на  „ Луфтханза Техник АД“, и  концернот  ЕАДС ( во чиј состав влегува и  познатиот производител на патнички авиони Ербас).

 

Заблагодарувајќи им се за прекрасниот научен проект на основците од Општина Карпош,  раководителот на проектот Тим. Е Бранд истакна дека проектот е фантастичен и е плод на тимска работа во која е вклучен многу труд, вештини и интелигенција.  Пласманот на  учениците од ОУ „ Лазо Трповски“, е одлука на деветчлено реномирано жири и  е потврда за исклучителниот успех кој  нашите ученици го постигнаа на овој респектиран меѓународен училишен натпревар.