ОСНОВЦИТЕ ОД „КОМЕНСКИ“ ВО БОРБА ПРОТИВ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ
- декември 11, 2023
- 0
Петоодделенците од ООУ „Јан Амос Коменски“ како единствени учесници од Македонија ја претставуваа нашата држава во рамки на кампањата „Зелени стапалчиња“, и заедно со своите врсници од Европа реализираа низа активности за заштита на климата и зачувувањето на здравата животна средина.
Во таа насока, Climate Aliance кој воедно е и организатор на кампањата „Зелени стапалчиња“, го предаде извештајот со спроведените активности за заштита на климата, според кој беа инволвирани околу 250.000 ученици од осум европски земји меѓу кои беа и учениците од „Коменски“. Притоа, овој документ се разгледуваше на 28. Самит на ОН за заштита на климата, кој годинава се одржа на 14 ноември во Дубаи. Инаку, Climate Aliance веќе две децении ја спроведува кампањата „Зелени стапалчиња“, а во рамки на истата, ООУ „Јан Амос Коменски“ континуирано реализира активности во изминативе 10 години.
Еколошките активности кои ги реализираа основците од „Коменски“ ги координираше наставничката Александра Блажевска, при што учествуваа и наставничките Марија Христовска, Радмила Стошиќ, Цветанка Петрова и Анета Турунидов.