ОСНОВЦИТЕ ОД КАРПОШ ЌЕ СЕ ЕДУЦИРААТ, КАКО ТРЕБА ДА СЕ ОДНЕСУВААТ КОН СВОИТЕ СОУЧЕНИЦИ СО ПОПРЕЧЕНОСТ
- мај 12, 2025
- 0
Во организација на Секторот за дејности од јавен интерес при Општина Карпош и невладината организација „Пркос“, денеска во ООУ „Димо Хаџи Димов“ се одржа промотивен настан во чии рамки беа презентирани печатени материјали и информативно видео од едукативен карактер, наменети за основците од Карпош. Станува збор за брошура, постер и промотивно видео насловено како „10 совети за учтиво однесување со деца со пореченост“ чиј автор е НВО „Пркос“, која е лоцирана на територијата на локалната самоуправа.
Печатените материјали и информативното видео ќе бидат достапни и употребливи за учениците од сите основни училишта во Карпош кои во рамки на образовната настава ќе се едуцираат, како најсоодветно да се однесуваат и притоа да ги вклучат своите соученици со попреченост во инклузивниот процес. Во таа насока, Општина Карпош финансиски ги покри трошоците за изработка на печатените материјали и информативното видео. На денешниот промотивен настан присуствуваа стручните соработници од основните училишта во Карпош, претставниците од НВО „Пркос“, како и вработените од Секторот за дејности од јавен интерес,
Од аспект на инклузивноста, Општина Карпош посветува особено внимание преземајќи низа мерки за подобрување на условите за престој и образование на дечињата со попреченост. Во тој поглед, во сите 10 основни училишта во Карпош работат комплетирани тимови со стручни соработници (педагог, психолог, специјален едукатор, рехабилитатор и социолог). Во училиштата функционираат и седум т.н. ресурсни соби, 54 образовни асистенти и два лични асистенти. Во образовните установи во Карпош се инсталирани и т.н. „инклузивни“ тоалети, а во текот на наставата се применуваат и асистивни уреди (информатичка опрема за децата со попреченост.
Едукативно видео – https://www.youtube.com/watch?v=M0FFoKgfrzA