Ученици од четврто одделение од основното училиште “Вера Циривири – Трена” ја посетија Општина Карпош во рамки на активностите кои се дел од наставната програма по предметот Општество.

Придружувани од предметните наставници учениците се сретнаа со градоначалникот  Стевчо Јакимовски, кој со задоволство одговараше на нивните прашања.

Основците се интересираа за начинот на кој функционира Општината, за предизвиците и за тековните активности на градоначалникот, како и за начинот на кој може да се стане прв човек на општината. Дел од прашањата се однесуваа на плановите на Општината за решавање на проблемот со паркирањето по улиците во околината на училиштето лоцирано во Карпош 2, како и за изградба на нови детски игралишта.

Јакимовски посочи дека решавањето на проблемот со паркирање е еден од приоритетите на општината, како и изградба на нови детски игралишта за спорт и рекреација на најмладите.

Ваквите посети се од исклучително значење за учениците на практичен начин да го видат функционирањето на органите на локалната власт, како и да ги потврдат своите знаења кои изворно ги стекнале на часовите по Општество.