ОПШТИНАТА РЕШИ ПОВЕЌЕДЕЦЕНИСКИ ПРОБЛЕМ СО ФЕКАЛНАТА КАНАЛИЗАЦИЈА
- јануари 29, 2025
- 0
По барање на жителите од улица Багдадска (У.З „Владо Тасевски“), кои алармираа дека веќе подолго време се соочуваат со проблеми поврзани со фекалната канализација, екипите од Општина Карпош излегоа на терен и по комплексниот зафат успеаја да изнајдат решение за оваа сложена комунална ситуација. Имено, станува збор за 40 години стара и дотраена фекална мрежа која минуваше под објект којшто не е во владение на локалната самоуправа, а оттаму инсталацијата се спушта на пониско ниво во дворот на граѓаните, каде во последно време честопати доаѓало и до изливање на фекалиите.
Според тврдењето на засегнатите граѓани кои остварија средба со градоначалникот Јакимовски, првиот човек на Општината веднаш издаде насоки до надлежните служби за комунални работи, да го санираат постоечкиот дефект.
- По обраќањето до градоначалникот на Општина Карпош кој не прими во неговиот кабинет, навистина брзо сѐ реагираше, впрочем веднаш дојде лично тој, за да види за што се работи. Притоа се договоривме во првата пригода кога ќе се создадат поволни временски услови, службите да ни обезбедат нов приклучок кон фекалната канализација. Сакам да ги пофалам сите оние кои брзо, експедитивно и организирано работеа и ни овозможија да живееме малку порелаксирано и да се движиме низ нашиот двор – посведочи жителката од улица Багдадска.
Инаку, претставниците од Секторот за уредување на градежно земјиште и комунални работи од Општина Карпош во соработка со фирмата – изведувач, направија премостување (т.н „бајпасирање“) на шахтата на граѓаните, со постоечката функционална фекална канализација која се наоѓа во рамки на ООУ „Војдан Чернодрински“. Општината ја реализираше ова активност со јавна набавка за брзи интервенции во фекалната канализација.