Во рамки на 52-рата седница која се одржа денеска во просториите на Универзитетот Скопје, заседаваше Советот на Општина Карпош каде се разгледуваа 46 точки кои се најдоа на дневниот ред. На самиот почеток на седницата беше усвоен Извештајот на Комисијата за прашања на верификација, мандатни прашања, избори и именувања на Советот на Општина Карпош. Имено, оваа Комисија го утврди престанокот на мандатот на досегашниот советник Марјан Стефановски, кој најави дека ќе стапи во служба која според Законот е неспоива со вршењето на досегашната функцијата, член на Советот на Општина Карпош. Оттука, Општинската изборна комисија – Карпош констатираше дека следниот кандидат од листата на кандидати за советници е Убавица Игнатоска, при што беше верификуван мандатот на Игнатоска, како нов член на Советот на Општина Карпош.

 

Мнозинството советници ја изгласаа овогодишната Програма за активностите на локалната самоуправа во областа на располагањето со градежно земјиште, коешто е во државна сопственост а истото се наоѓа на подрачјето на Општина Карпош. Со истата динамика советниците ја поддржаа Програмата за изменување и дополнување на Програмата за урбанистичко планирање за 2024 година. Потребната поддршка ја доби и Предлог – Програмата за изменување и дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Карпош за 2024 година.

 

Членовите на Советот се изјаснија позитивно и за измените и дополнувањата на Програмата за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра на Општина Карпош. Станува збор за зголемување на финансиската рамка на оваа Програма од досегашните 2.220.000 на 4.080.000 денари. Дополнителните средства ќе бидат искористени за изработка на Проценка на ризик, како и за ангажирање на стручно лице во насока на спроведување на мерките на Законот за Безбедност и здравје при работа. Со финансиските средства се планира и набавка на нови противпожарни апарати за сите основни училишта и детски градинки на територија на Карпош, како и поставување на нова хидрантска мрежа во ООУ „Војдан Чернодрински“.

 

Изгласани беа и Предлогот за Техничка исправка на ГП 3.03.2.364 во ДУП за градска четврт З 03 со опфат помеѓу булевар „Партизански одреди“, коритото на реката Вардар, булеварот „Македонија“ и улица „Московска“, како и Предлогот за техничка исправка на урбанистички план ГП 4.3.5 од ДУП за населба Влае 1Б.

 

Исто така беа поддржани и двете Предлог – Одлуки за Урбанистички проекти со план за парцелација. Првиот план за парцелација се однесува на спојување на градежните парцели 11.27, 11.28, 11.29 и 11.30 во една градежна парцела со намена домување во куќи, од ДУП-от за потегот помеѓу населбите Жданец и Нерези. Вториот план за парцелација се однесува на спојување на градежните парцели 11.31 и 11.32 кои треба да формираат една градежна парцела со намена домување во куќи, од ДУП-от за потегот помеѓу населбите Жданец и Нерези.

 

Во рамки на денешната седница „зелено светло“ доби и Предлог – Одлуката за измена и дополнување на Правилникот за финансиска поддршка на спортски клубови од подрачјето на Карпош. Со овој Правилник се утврдени општите одредби, критериумите за спортски клубови, коефициентите, бодувањата и распределбата на финансиските средства за нивна поддршка. Оттука, финансиската поддршка за спортски клубови регистрирани на територија на Карпош ќе ја определува Комисија составена од седум члена (четри члена од Советот на Општина Карпош и три члена од општинската администрација). Во овој случај, максималната финансиска поддршка што може да ја одреди Комисијата е до 120.000 денари за еден спортски клуб.

 

Со одлука на Советот се одобрува четвртиот термин за изнајмување на спортската сала во ООУ„Христијан Тодоровски Карпош“, за потребите на професионалниот одбојкарски клуб „Фит Фан Волеј“, кои веќе петта година се натпреваруваат во Првата женска одбојкарска лига на Македонија. Советниците од Карпош се солидаризираа околу Предлог – Одлуката за одобрување на финансиски средства, кои ќе бидат наменети како помош за санација на опожарена куќа на жител од населбата Бардовци.

 

Советниците дадоа позитивно мислење за Програмите за екскурзии, излети и други вонучилишни активности во основните училишта „Братство“, „Димо Хаџи Димов“, „Петар Поп Арсов“ и „Христијан Тодоровски Карпош“. Со истата рутина беа изгласани и Заклучоците за усвојување на Годишните извештаи за работа на сите десет основни училишта коишто функционираат на територија на општина Карпош.

 

Потребна поддршка доби и Одлуката за давање на согласност за промена на корисникот на електрични броила од Општина Карпош на Град Скопје. Со оваа Одлука се задолжува Одделението за енергетска ефикасност од Општина Карпош  да поднесе барање до ЕВН за завршување на постапката. Имено, Општина Карпош во својата развојна програма за 2023-2025 година предвиде и изврши промена на јавното осветлување на цела своја територија, со штедливи ЛЕД светилки од 35 и 75 вати. Притоа, Градот Скопје во текот на 2023 година го презеде владението со кејот на реката Вардар од Железничкиот мост помеѓу урбаните заедници Влае 2 и Нерези (од левата и десната страна) па се до мостот кај хотелот „Александар Палас“. И покрај тоа што тие најавија промена на светилките и сопственоста на броилата, до сега тоа го немаат сторено. Бидејќи вкупната потрошувачка на овие броила изнесува 3.452 КW, тоа значи дека овие трошоци значително го оптоваруваат буџетот на Општина Карпош. Од тие причини, Советот на Општина Карпош даде согласност да се изврши предложената промена.

 

Советниците ја изгласаа и Предлог – Одлуката за прифаќање на донација од Друштвото за градежништво, производство, трговија и услуги „Голден Арт“ – Скопје. Станува збор за донација во вид на изработка на основен проект и стручна ревизија за фаза водовод и канализација за водоводна мрежа на дел од Сервисна улица СЗ – ул. Скупи, Станбени улици СТ-8 и СТ-9 и Сервисна улица СЕ- 2, за Б2-Големи трговски единици од ДУП за Градска четврт СС3 02, Блок 06. Вкупната вредност на донацијата на Основниот проект и Извештајот за извршена завршена ревизија изнесува 72.570 денари со вклучен ДДВ.

 

Кон самиот крај на седницата беше отворена расправа, каде советниците дебатираа околу состојбата со Спортската сала „Наум Наумовски Борче“ во населбата Карпош 4. Во процесот на комуникација, градоначалникот Јакимовски и советниците се договорија наскоро да направат обиколка на објектот, за да можат попрецизно да ја утврдат фактичката состојба, и во таа насока да понудат конкретни солуции за изнаоѓање на соодветни решенија во корист на целосно функционирање на култната сала „Партизан“.