ОПШТИНА КАРПОШ УЧЕСНИК НА NUTRICON 2017
- октомври 9, 2017
- 0
Н.Н: ,,Не постојат токсични супстанции, постојат само токсични концентрации“ – Парацелзиус
Општина Карпош преку своето стручно лице м-р Ирена Калајџиева Милевска, традиционално по четврти пат учествуваше на меѓународната Конференцијата за контрола и безбедност на храна, здравје и нутриционизам NUTRICON 2017 што оваа година се одржа од 5-ти до 7-ми октомври во Скопје.
На Конференцијата присуствуваа 200 научни работници и освен од Македонија свој придонес дадоа и претставници од Албанија, Романија, Русија, Турција, Босна и Херцеговина, Унгарија, Чешка, Република Словачка, Црна Гора, Косово, Белорусија, Естонија, Украина, Германија, Финска, Норвешка, Бугарија и Хрватска.
Научната средба која е акредитирана од Лекарската комора на Македонија, ја организираше Консалтинг и тренинг центарот ,,Клуч“, кои пак, се регионални претставници на Европското тело за хигиенски инженеринг и дизајн (EHEDG) за нашата земја. Заради големиот интерес на стручните говорници од целиот свет, настанот се одвиваше три дена, поделен во неколку сесии во зависност од тематските целини. Во делот за излагање на научни и стручни трудови, беа презентирани теми од областа на безбедноста на храната, нутриционизмот, здравстото, стоматологијата, технолошко-машински обработки на храна и инженеринг.
Како и секоја година така и оваа, главениот акцент падна на усогласување на регулативите на едно рамниште за кои се заложува Иницијативата за глобална хармонизација (GHI) – невладина организација која работи исклучително на подготовка и усогласување на нормативите за храна на светско ниво. Фокусот на годинешната Конференција беше насочен кон влијанието на интернет порталите и нивните написи врз читателите од нерелевантни извори за исцелување, насоки и ставови за здравјето на луѓето и исхраната, кои половично или целосно даваат погрешни информации на читателите. Како што беше посочено од еден од говорниците, во денешно време секој е стручен за сешто а всушност не е стручен за ништо. Како порака од тој дел на сесијата се дадоа насоки каде, како и кога да се делува или говори за овие сериозни теми. Посочување на релевантен извор е еден од клучните елемент за претставување на веродостојна информација, во спротивно никој не би бил научник, не би се надградувал и учел и едноставно би губел драгоцено време на интернет. Од тука, максимата на Парацелзиус : ,,Не постојат токсични супстанции, постојат само токсични концентрации“ која беше дел од презентацијата на Проф. Д-р Владимир Какуринов – претседател на Регионалната секција на EHEDG за Македонија, со една реченица објаснува сé за што се губи драгоцено време во објаснување на вечната дилема за здрава и штетна храна.
Сите научни трудови во пишана форма се преточени во Книга на апстракти, кои ги добија сите учесници а чиј член е и М-р Ирена Калајџиева Милевска како дел од организацискиот комитет на NUTRICON.