ОПШТИНА КАРПОШ ДОБИ РАЗВОЕН БУЏЕТ ЗА 2020 ГОДИНА
- декември 26, 2019
- 0
Новиот буџет на Општина Карпош во идната 2020 година ќе биде развоен. Со него ќе се одвојат средства за предвидениот парк во населбата Карпош 4, ќе бидат засадени повеќе тревни површини со кои хортикултурно ќе се облагороди локалната самоуправа.
За прв пат Општината ќе доделува и субвенции за електрични тротинети, со што ќе продолжи заложбата на Општина Карпош за намалување на аерозагадувањето како еден од проблемите и предизвиците со кои се соочуваме сите во градот Скопје. Исто така, со новиот буџет се предвидени и средства за водовод во населбата Средно Нерези, како и за реконструкција на градинката „ Мајски Цвет“, во населбата Тафталиџе 1, со што и овој објект кој има потреба да биде реконструиран ќе добие сосема нов и модерен лик.
Милорад Луковски како заслужен граѓанин на Општина Карпош во областа на животните достигнувања во областа на спортот со одлука на советниците ќе добие финансиска поддршка и во претстојната 2020 година.
На седницата беа изгласани и Програмите од областа на урбанистичкото планирање, активностите во областа на екологијата и енергетската ефикасност, развојот на Општината, уредување на градежното земјиште, како и Програмата за изградба, редовно и инвестиционо одржување и зимско одржување на сервисни, станбени улици и локални патишта на подрачјето на Општина Карпош за 2020 година. Беа изгласани и програмите за активностите на локалната самоуправа во идната година во областа на културата, спортот, детската, социјалната и здравствената заштита, како и активностите во областа на образованието, информатичката технологија, заштитата и спасувањето на граѓани и материјални добра, како и во областа на месната самоуправа, во областа на еднаквите можности меѓу жените и мажите во Општина Карпош кои добија „ виза “ од членовите на Советот на Општина Карпош.