ОПШТИНА КАРПОШ ГО ПРЕДАДЕ УПРАВУВАЊЕТО СО БАЗЕНОТ „ПАРТИЗАН“ НА НАЦИОНАЛНАТА ПЛИВАЧКА ФЕДЕРАЦИЈА
- октомври 13, 2026
- 0
Општина Карпош денеска изврши официјално примопредавање на училишниот базен „Партизан“ на Националната пливачка федерација на Република Македонија, која во иднина ќе биде одговорна за управувањето, функционирањето и организацијата на активностите во спортскиот објект.
На примопредавањето присуствуваа градоначалникот на Општина Карпош Сотир Лукровски, министерот за спорт Борко Ристовски и претседателот на Националната пливачка федерација Сашо Лазаревски.
Градоначалникот Лукровски истакна дека примопредавањето е еден од значајните чекори за Општина Карпош во годината кога се одбележуваат 50 години од нејзиното основање, нагласувајќи дека приоритет ќе имаат најмладите.
„Верувам дека токму тука многумина ќе ги направат своите први пливачки чекори, ќе го засакаат спортот и еден ден ќе прераснат во вистински шампиони. Овој базен го предаваме во рацете на Националната пливачка федерација, со уверување дека ќе биде ставен во функција на децата, спортот и граѓаните.“
Министерот за спорт Борко Ристовски посочи дека целта е пливањето повторно да добие заслужено место меѓу приоритетните спортови и дека управувањето со спортските објекти од страна на стручни спортски федерации е чекор во вистинска насока.
Претседателот на Националната пливачка федерација, Сашо Лазаревски, најави дека покрај работата со спортските клубови и подготовката на пливачите, Федерацијата ќе организира и бесплатни обуки за учениците од основните училишта во Општина Карпош.
„Ќе работиме на тоа најмладите да ги унапредат своите пливачки вештини и да создаваат здрави спортски навики, а се надевам дека токму од овие деца во иднина ќе произлезат и идните репрезентативци на Македонија.“
Со примопредавањето, Општина Карпош создава услови за поголема достапност на пливањето за најмладите, развој на спортските и рекреативните активности и активно користење на базенот од страна на граѓаните.
Националната пливачка федерација ќе ја утврдува динамиката и организацијата на активностите, вклучително и бесплатните обуки за основците и рекреативното пливање.









