ООУ „ВЛАДО ТАСЕВСКИ“ ЌЕ ДОБИЕ СОВРЕМЕНО СПОРТСКО ИГРАЛИШТЕ
- февруари 27, 2026
- 0
Во тек се градежните активности за целосна реконструкција на постојното спортско игралиште во училишниот двор на ООУ „Владо Тасевски“, во урбаната заедница „Кузман Јосифовски-Питу“ (во населбата Козле). Реконструкцијата ќе опфати вградување на нов тампон, асфалт и рабници. Зафатнината на игралиштето изнесува 600 метри квадратни, а изведувач на работите е фирмата ДПГТТУ „Филип Инженеринг“ ДООЕЛ. Вредноста на проектот е 1.842.452 денари. Во зависност од временските услови, се очекува спортското игралиште да биде пуштено во употреба кон крајот на март или почетокот на месец април.
Ова училишно спортско игралиште, долги години беше во незавидна состојба и со реконструкцијата, учениците од основното училиште „Владо Тасевски“ ќе можат да ги извршуваат своите физички активности на квалитетено надворешно спортско игралиште, но и помладите генерации од населбата Козле ќе добијат современ спортски терен на кој ќе може да спортуваат и да се рекреираат.
Општина Карпош и во иднина ќе вложува финансиски средства во реконструкција, ревитализација и осовремување на спортските игралишта во рамките на училишните дворови во основните општински училишта, се со цел , учениците и младите да имаат модерни, квалитетни и функционални спортски терени кои ќе ги користат за спорт и спортски активности.









