По повод проектот „Училишта кои го промовираат здравјето“ кој се спроведува во ООУ „Братство“, вчера попладне, делегација составена од претставниците на Светската здравствена организација (СЗО), Борче Николов и Џенифер Хол, од невладината БИОМ од Скопје, односно Зурија Мемедова, како и  експертите од Центарот за родителство „Алтернатива“, д-р Марија Ралева и Александра Димитровска, ја посетија оваа училишна установа која се наоѓа во населбата Тафталиџе 2.

Во рамки на работната средба, експертите разговараа со образовниот персонал на ова училиште, поточно со в.д. директорката Јадранка Поповски и со училишниот психолог, Себахат Сулејмани, за превенција од несаканите ефекти кои влијаат на менталното здравје на основците. Во дебатата во која се говореше и за обезбедување на потребната поддршка на учениците и нивните родители кои се соочуваат со предизвици од ментални нарушувања, учествуваше и специјалниот едукатор рехабилитатор – дефектологот Азра Зекири.

На состанокот стана збор и за методите кои ги користи ова основно училиште, во насока на подобрување на менталното здравје на децата и адолесцентите. Имено, оваа  образовна установа тоа го прави преку споделување на успешна приказна, при соочување со реална ситуација на ученици и нивните семејства, како и низ разни практики  кои ги применува училиштето, за справување од стигма и исклучување на децата кои се соочуваат со атипични реакции, кои упатуваат на нарушување на менталното здравје.