Во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, денеска беше пуштена во употреба новата сензорна соба, наменета за децата со попреченост кои посетуваат настава во ООУ „Аврам Писевски“ во населбата Бардовци. По тој повод, на отворањето присуствуваа претставници на Одделението за детска, здравствена и социјална заштита при Општина Карпош, претставници на Фондацијата „Чекор по чекор“, ИУТЕ Кредит, како и персоналот на основното училиште.

 

Сензорната соба е донацијата од ИУТЕ кредит со чија поддршка, оваа просторија  е опремена со стимулативни и асистивни содржини со помош на кои треба да се поттикне аудитивниот, визуелниот, физичкиот и тактилниот развој кај учениците со и без пречки во развојот, како и кај основците со образовни потешкотии.

 

  • Благодарение на фондацијата „Чекор по чекор“ со чија соработка веќе се реализирани неколку инклузивни активности во општината. Во оваа пригода ги поканувам поединците и компаниите заеднички, партнерски да создаваме услови за среќни детства. Јас верувам дека со достапна и инклузивна средина, ќе може да ги развиваме потенцијалите на нашите деца, а тоа се потенцијалите на нашата иднина.“ – истакна помошник раководителката  на Секторот за дејности од јавен интерес во Општина Карпош, Гордана Зафировска.

 

Инаку, проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија, има за цел  да им помогне на учениците со попреченост да ја подобрат својата инклузивност и пристапност во рамки на образовниот процес.

 

  • Со големо задоволство се вклучивме на патеката на образовна инклузија во нашата земја. Како општествено одговорна компанија вложуваме во создавање на услови за поквалитетен живот на секој поединец. И бидејќи веруваме во инклузивен свет, преку личен пример со оваа активност, се надеваме дека ќе поттикнеме вложувања во образованието и во создавање на услови за еднаква пристапност на образование на секое дете“ – објасни Јасмина Апостолоска од ИУТЕ кредит.

 

На територија на општина Карпош покрај ООУ „Аврам Писевски“, со сензорни соби располагаат и училиштата „Димо Хаџи Димов“, „Вера Циривири Трена“, „Јан Амос Коменски“, „Војдан Чернодрински“ и „Лазо Трповски“.

 

Елена Мишиќ од Фондацијата „Чекор по чекор“ која го спроведува проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, посочи дека на 20 месеци од спроведување на активностите од овој проект, се зголемуваат можностите секое дете да добие пристап до квалитетно образование.

 

  • Со отворањето на 11 сензорна соба во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој е финансиран од Европската Унија, придонесуваме секое дете да добие пристап до квалитетно образование. Со создавање на пристапни и стимулативни средини за учење, училиштата опфатени со проектот стануваат места со еднакви можности за образование за сите деца. Од особена важност е подобрување на условите во училишта како што е ООУ Аврам Писевски, каде скоро половина од учениците се под социјален ризик или имаат посебни потреби.“ – додаде Мишиќ