Одржан координативен состанок со скопските градоначалници за последиците од невремето
- јули 22, 2026
- 0
Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска присуствуваше на координативен состанок со Кризниот штаб на Град Скопје, на кој беа разгледани состојбата, штетите и последиците предизвикани од силното невреме што го зафати главниот град.
Општина Карпош, за жал, е меѓу скопските општини кои претрпеа посериозни последици од невремето и се соочуваат со значителен број пријавени штети.
На координативниот состанокот беше договорено:
Скопските општини ќе формираат комисии пред кои граѓаните ќе можат да ги пријават штетите предизвикани од невремето.
Во координација со Град Скопје, ќе се врши стручна процена на пријавените штети, по што, согласно законската регулатива и расположливите можности, ќе започне постапка за поддршка на граѓаните при санацијата на оштетувањата на објектите за домување.
Истовремено, со колегите градоначалници договоривме општинските градежни инспектори, инспекторите за домување и другите надлежни служби да извршат засилени и строги контроли.
Ќе се проверуваат сите позиции и објекти каде што имаше оштетени кровни конструкции за да се утврдат причините за истото, земајќи во предвид дека, одржувањето на истите треба да го имаат куќните совети.
Општинските служби на Општина Карпош продолжуваат со активности на терен и расчистување на последиците од невремето, како и со преземање на сите неопходни мерки во рамки на своите надлежности, со цел што побрзо нормализирање на состојбата и обезбедување на безбедноста на граѓаните.









