ОДБОЈКАРКИТЕ ОД „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“ ГО ОСВОИЈА УЧИЛИШНИОТ КУП-КАРПОШ 2018
- ноември 1, 2018
- 0
Во големото финале кое се одигра денеска во салата на С.Ц „Борис Трајковски“, основките од „Војдан Чернодрински“ ги совладаа своите ривалки од ООУ „Петар Поп Арсов“ со 2:1 во сетови и го освоија одбојкарскиот училишен Куп на Општина Карпош. Традиционалниот Куп се одржа по повод одбележувањето на 42. роденден на Општината (3. ноември).
Во дуелот, одбојкарките на „Војдан Чернодрински“ влегоа со голема самодоверба и со пресврт на резултатот го освоија првиот сет. Во продолжение, екипата на „Петар Поп Арсов“ се фокусираше на одбраната и покажа поквалитетен напад, по што го заврши вториот сет во своја корист. Сепак, во одлучувачкиот сет, екипата од „Млечен“ постојано ја одржуваше предноста, беше поконкретна и очекувано го освои одбојкарскиот училишен Куп на Карпош.
Мечот го следеше и претседателот на Советот на Општина Карпош, Андреј Манолев, кој во оваа пригода им честиташе на обете екипи за одличната игра, по што им го врачи победничкиот пехар на освојувачките на одбојкарскиот Куп и дипломите на учесничките во финалето.