ОДБЕЛЕЖАНА 82 ГОДИШНИНАТА ОД ФОРМИРАЊЕ НА ПРВИОТ СКОПСКИ ПАРТИЗАНСКИ ОДРЕД
- август 22, 2023
- 0
Со положување на свежо цвеќе пред споменикот на борците од Првиот Скопски партизански одред кој се наоѓа во населбата Карпош 3, делегација од Општина Карпош им оддаде почит на скопските партизани – учесници во НОБ. Пред спомен обележјето се поклонија и претставници на Сојузот на Борци на Македонија, како и од Градскиот одбор на Сојузот на борци, претставници на здружението на жени и пензионери од општина Карпош, делегација на Форумот за човекови права на Македонците од Егејскиот дел ма Македонија, претставници на политички партии, делегација од ООУ „Вера Циривири Трена“,здруженија на граѓани, како и делегација од Град Скопје, предводена од градоначалничката Арсовска.
Првиот скопски народноослободителен партизански одред е всушност првата партизанска единица на НОВ во Македонија која е формирана на 22 август 1941 година, во близина на Скопскиот градски парк. Одредот броел 42 борци од кои 17 загинале во текот на НОВ, чии животи се вградени во темелите на македонската држава која се формира три години подоцна, на 2 август 1944-та. Овој одред храбро го трасираше патот до слободата, а кон него се приклучија 42 борци со мешан национален состав – Македонци, Срби, Албанци, Турци, Црногорци, Хрвати и Чеси. По војната, тројца борци од одредот (Раде Јовчевски – Корчагин, Боро Петрушевски и Александар Урдаревски) се прогласени за народни херои на Југославија.