НОВОГОДИШЕН БАЗАР ВО ГРАДИНКАТА „ОРЦЕ НИКОЛОВ“ ВО КАРПОШ
- декември 17, 2020
- 0
Детската градинка „Орце Николов“ и оваа година го организираше традиционалниот новогодишен базар, кој е од хуманитарен карактер. Имено, родителите и децата изработуваа украси во своите домови, а потоа истите се продаваа на поставени штандови во дворовите на сите објекти на градинката.
Собраните средства од продажбата на новогодишни украси се доделуваат во хуманитарни цели.
И покрај светската пандемија, управата на градинката најде начин, почитувајќи ги заштитните мерки и протоколи да го организира овој настан, кој буди пријатни емоции и новогодишна атмосфера кај најмладите, нивните родители, баби и дедовци.
Новогодишниот базар го посети и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев. Тој низ разговор со родителите зборуваше за сите предизвици со кои локалната самоуправа и градинките беа соочени оваа година.
– Општина Карпош ги вложи сите напори и ресурси за непречено да продолжи воспитниот процес во детските установи. Направивме дезинфекција на објектите, а за прв пат и на душеците, меките играчки и теписите. Приемот на деца се одвива согласно протоколите, а годинава правевме и тековни реконструкции по сите објекти на градинки, рече Богоев.
Родителите го изразуваа своето задоволство од фактот што е организиран ваков настан. Тие посочија дека секојдневно доминираат информациите за заболени лица од вирусот и ова навистина претставува еден вид оддишка од актуелната ситуација, но преку овие работилници се буди и креативноста и интеракцијата меѓу младите.