Во летниот период, инфраструктурните зафати во Општина Карпош се одвиваат со засилена динамика. Во таа насока, денеска започна асфалтирањето на улица Никола Тесла во должина од 430 метри.

Бидејќи се работи за високофрекфентна собирна улица во која се „влеваат“ повеќе споредни улички од околните станбени згради,  реконструкцијата на овој коловоз е од витално значење пред сé, од аспект на растоварување на сообраќајниот метеж.
По тој повод, градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, одржа прес конференција за медиумите, пред кои ги презентираше деталите за оваа градежна акција.

–                    За оваа интервенција, локалната самоуправа инвестираше 2.847.000 денари. Изведувач е фирмата „Бауер БГ“, а надзорот на работите го врши фирмата „Урбан Стил Инженеринг“. Наскоро ќе ја асфалтираме и собирната улица Орце Николов, чија реконструкција ќе чини околу 5.000.000 денари. Оттаму, продолжуваме со улиците на територија на Карпош 1, како што се Руѓер Бошковиќ, Даскал Камче, Иван Аговски и Бранислав Нушиќ – објасни Јакимовски.

 

 

 

Првиот човек на општината, посочи дека градежните активности ќе се одвиваат во континуитет и во соседната урбана заедница.

–                    На територија на УЗ Карпош 2 ќе го санираме кракот на улица Никола Тесла пред зградата бр. 78. Општина Карпош, за сите овие реконструктивни зафати ќе вложи над 13.000.000 денари. По овие интервенции, нашите сограѓани од УЗ Карпош 1 и 2 ќе возат по нови коловози, откако претходно ги саниравме и останатите – истакна општинскиот татко, Стевчо Јакимовски.

 

 

 

 

 

 

Тој најави, дека во овој реон наскоро ќе се поставуваат нови енергетско – ефикасни фасади и нови покриви на колективните станбени згради.

–                    На овој начин би сакале целосно да го разубавиме овој дел од Карпош кој е граден пред и по скопскиот земјотрес – додаде Јакимовски.