НОВИ ПАРКИНЗИ ЗА ЖИТЕЛИТЕ НА КОЗЛЕ
- август 22, 2017
- 0
Денеска, градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, го најави завршниот инфраструктурен зафат во населбата Козле. Станува збор за проект вреден 3.753.068 денари, финансиран од страна на локалната самоуправа, со кој партерно се поплочува паркинг просторот на ул. Јуриј Гагарин бр. 6
– Изведувач на градежните работи е фирмата „СМ Компани”, а паркингот зафаќа вкупна должина од 1.968 квадратни метри. Со комплетирањето на оваа инвестиција, од Министерството за економија до населбата Нерези, сите улици, рабници, тротоари се целосно реконструирани и реновирани, а атмосферската и фекалната канализација е заменета. Со тоа, сите обврски кои локалната самоуправа ги има кон граѓаните од овој дел на Општина Карпош, целосно се реализирани – нагласи Јакимовски.
Првиот човек на Општината објасни дека локалната самоуправа ја превзема оваа градежна иницијатива за да им овозможи на родителите кои своите деца ги носат во детската градинка „Пролет” и основното училиште „Владо Тасевски”, прописно да ги паркираат автомобилите. Во оваа пригода, Јакимовски им се извини на жителите на населбата Козле, поради доцнењето на овој инфраструктурен проект, за кој немаше можност да се реализира до сега. Имено, Општина Карпош во изминатиот период имаше намален прилив на финансиски средства заради законските прописи кои важеа во текот на изборниот циклус на последните парламентарни избори, со кои се оневозможуваше прилив на финансиски средства во општините.
Ние како Општина, најпрво со наши средства го затворивме атмосферскиот канал кој претходно се наоѓаше на ова место, иако тоа претставуваше обврска на Градот Скопје. Таа инвестиција не чинеше околу 3.000.000 денари. По асфалтирањето на улицата, денеска ги поплочуваме паркинг местата, и заедно целата оваа инвестиција на затворање на каналот, проектирање и асфалтирање на улицата, како и изградбата на овој паркинг простор, локалната самоуправа ќе одвои вкупно околу 10.000.000 денари – истакна Јакимовски.