НОВИ МЕРКИ ЗА ЗГОЛЕМЕНА ХИГИЕНА ВО ОПШТИНАТА
- јануари 15, 2019
- 0
Општина Карпош воведува нови мерки за зголемување на јавната хигиена во сите урбани заедници.
Од овој викенд, комуналните служби на Општината ќе работат и во текот на викендот, со цел да се зголеми тековното одржување на јавната хигиена.
Саботата ќе биде работен ден за хигиеничарите, а во недела се воведуваат дежурни служби.
Имајќи го предвид фактот дека хигиената и заштитата на животната средина е еден од најгорливите проблеми на граѓаните, во претстојниот период, освен викенд работата за хигиеничарите, Општината дополнително ќе постави и нови корпи за отпадоци низ населбите.
Исто така, во соработка со Град Скопје, ќе бидат поставени и нови подземни контејнери кои ќе овозможат правилно управување со отпадот. За оваа мерка, Советот на Општина Карпош одвoи два милиони денари.
Во оваа прилика, ги потсетуваме сите граѓани дека е активна и телефонската линија за пријавување на електричен и електронски отпад: 070 – 236 – 000.
Освен овие нови мерки, Секторот за животна средина и енергетска ефикасност работи на воспоставување на систем за собирање на кабастиот отпад. Граѓаните навремено ќе ги информираме за локациите на собирните пунктови во нивните населби.
Локалната самоуправа апелира до сите граѓани и правни лица, посебно градежните компании, да водат повеќе грижа за заштитата на животната средина. Во спротивно, сите субејкти кои придонесуваат за загадувањето на околината ќе бидат санкционирани.