НОВИ ЕКОЛОШКИ ИГРАЧКИ ЗА ДЕЧИЊАТА ВО ГРАДИНКИТЕ
- март 30, 2022
- 0
Согласно годишната програма на одделението за детска, здравствена и социјална заштита при Општина Карпош, денеска започна акцијата за обновување и унапредување на дидактичките материјали во општинските детски градинки низ локалната самоуправа. По тој повод, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, ја посети детската градинка „Мајски Цвет“ во населбата Тафталиџе 2. Во оваа пригода, првиот човек на Општината им ги врачи новите еколошки дидактички материјали и играчки кои се наменети за децата од предучилишните установи.
- Извонредно ги ценам важите залагања и активности, особено во оваа тешка ситуација во периодот на пандемија, каде што со работите со намален број на вработени но успешно го спроведувате воспитно – образовниот процес. Во насока на понатамошна добра соработка, Општина Карпош ќе продолжи да дава силна поддршка на предучилишните установи и ќе вложува во подобри услови за згрижување на дечињата во нив – истакна Јакимовски.
Инаку, одделението за детска, здравствена и социјална заштита при Општина Карпош ја реализира оваа активност веќе 10 години во континуитет. Според стратешките насоки на одделението, целта е да се повлечат од употреба старите нефункционални играчки и истите да бидат заменети со нови еколошки дидактички материјали.
На овој начин треба да се постигне поквалитетен воспитно – образовен пристап, кој ќе влијае на подобрување на психо – физичкиот развој на децата. Имено, со оваа интеракција се очекува, најмалите карпошани преку поголема социјализација да стекнат работни навики и чувство за развивање на одговорно однесување. За набавка на дидактичките материјали и играчките, Општина Карпош во рамки на предвидената финансиска рамка обезбеди 100.000 денари.