Општина Карпош добива нова донација за уредување и реконструкција на детското игралиште на улица Стрезово 9, во урбаната заедница „Кузман Јосифовски Питу“, лоцирано помеѓу СУУ „Лазар Танев“ и просториите на урбаната заедница.

Фирмата „Лапласт-М ДООЕЛ Скопје“, како општествено одговорна компанија, неодамна донираше детска лулашка, клацкалка, и детска вртелешка, а реквизитите наскоро ќе му дадат сосема нов лик на детското катче во населбата Козле. Вкупната вредност на донацијата изнесува околу 428.000 денари со вклучен ДДВ од 18%.

Донацијата е прифатена од Советот на Општина Карпош, со што се создаваат услови за подобрување на просторот и обезбедување нови содржини за најмладите жители.

Општина Карпош продолжува да ја поддржува соработката со општествено одговорните компании и нивниот придонес кон уредувањето на јавните простори и создавањето похумана, поубава и поквалитетна средина за живеење.