НАЈМЛАДИТЕ КАРПОШАНИ И ГО ЧЕСТИТАА РОДЕНДЕНОТ НА ОПШТИНАТА
- ноември 4, 2024
- 0
Дечињата од градинките и основците од училиштата и ја испратија најубавата роденденска честитка на Општина Карпош, која вчера одбележа 48 години од своето постоење. Со преубави костими во разиграни бои, најмладите карпошани го збогатија цветното дефиле, – манифестација која традиционално секоја година се организира по повод формирањето на локалната самоуправа. Денеска, во рамки на спортското игралиште во ООУ „Лазо Трповски“ се одржа оваа свечена манифестација, каде присуствуваше градоначалникот Стевчо Јакимовски, во придружба со членовите од делегациите од збратимените општини.
Оттука, пред присутните со поздравен говор се обрати првиот човек на Општината кој им се заблагодари на според него, најубавата, најцветната, највеселата и најразиграна детска дружина во Карпош.
- Драги гости, ве поздравувам од името на Советот и Општината на овој наш 48-ми роденден и на оваа наша прекрасна манифестација што се одржува секоја година. Многу сме ви благодарни што дојдовте да не поздравите на ваш својствен начин, односно со песни и танци. Да сте ни живи и здрави, да бидете умни, да учите вредно и да бидете примерни граѓани на Карпош и Македонија – им посака Јакимовски.
По обраќањето на општинскиот татко, на сцената настапија најмалите „цветчиња“ од градинката „Мајски Цвет“, со прекрасна кореографија во изведба на музичката точка „Биди ИН“. По нив, со импозантен сценски настап „блеснаа“ дечињата од градинката „Орце Николов“, со изведба на музичката наумера „Лична си Македонијо“. Основците од „Димо Хаџи Димов“ се истакнаа со театарската адаптација на фантастичниот детски роман „Пинокио“, а нивните соученици од ООУ „Владо Тасевски“ го изведоа сценскиот перформанс „Подај рака на тој што те сака“. За крајот на оваа свеченост, настапија овогодинешните победници на манифестацијата „Карпош има талент“, односно учениците од ООУ „Аврам Писевски“, кои се претставија со безвремениот ромски чочек „Чае Шукарие“ од од незаборавната Есма Реџепова.