Со  одлука на членовите на Советот на Општина Карпош, 10 полуматуранти-првенци на генерација од сите основни училишта кои се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа, ќе добијат финансиски награди од по 10.000 денари поединечно, средства од општинскиот буџет.

 Приватната здравствена установа „Жан Митрев“ со донација од околу 500.000  денари хортикултурно ќе го облагороди и ќе го уреди просторот спроти самата болница. односно потегот десно од ул. Новопроектирана. „Халк  Банка“ со спонзорство од околу 1 милион денари ќе го уреди просторот околу т.н. „коцка“ во Т.Ц Лептокарија со  поставување на  урбани реквизити. Овој потег ќе прерасне во  мини „ халк парк’“.

Карпошани пак, од бул. Митрополит Теодосиј Гологанов бр.149, влез 4 ќе добијат 44. 500  денари за  санација на оштетениот покрив од неодамнешното невреме кое ја зафати  Општина Карпош.

 

На денешната седница, Советот на локалната самоуправа исто така донесе одлука,  по претходна востановената меѓуопштинска соработка на Општина Карпош со Општина Аеродром, да го продолжи ангажманот на овластениот градежен  инспектор во Општина Карпош за  следните  три  месеци, односно за периодот од 15 јуни до 15 септември годинава.

 

Советниците исто така, дадоа и согласност и на Одлуката за   формирање на комисии за прием на деца над капацитетот и за утврдување на критериумите за прием на деца во четирите јавни установи – општински детски градинки кои се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа и тоа: „ Пролет“, „ Мајски Цвет“ , „ Распеана Младост“ и „ Орце Николов“.

 

На денешната седница, беше изгласана и одлуката за давање на согласност за започнување на постапка за извадање под закуп на училишен простор ( училници, холови, магацински простор, помошни училници, подрумски простории и друго), на општинските основни училишта од територијата на Општина Карпош за учебната 2020/2021 година.