МЛАДИТЕ ДА ОДЛУЧУВААТ ЗА МЛАДИТЕ
- септември 10, 2020
- 0
Ако една општина има испланирано младински буџет (одреден износ средства наменети исклучиво за имплементација на младински политики) тогаш таа е 25% пријател на младите. Ако освен испланирани финансиски средства има обезбедено и простории за младински активизам веќе е 50% пријател на младите. Доколку освен испланиран биџет, обезбедени простории има и функционален Локален младински совете таа е 75% пријател на младите, а згора на сето тоа, ако има и имплементира стратегија за млади, тогаш веќе имаме општина или град кој е 100% пријател на младите.
Ова би биле некои главните сидра и пред се финансиската подлога кои се клучни за младинскиот сектор, а кои беа една од носечките теми на вчерашната национална конференција во рамки на проектот „Градот-пријател на младите“ кој го спроведува Младинскиот сојуз Крушево.
Општина Карпош е високо на листата на пријателска општина кон младите со самиот факт што е водечка во двонасочна комуникација со оваа јавност, со транспарентност на политиките преку прифатлив јазик на комуникација на социјалните мрежи (пр: граѓански буџет), благовремено информирање и достапност за секое прашање и одговор во најбрзо време, но и со отвореноста за прифаќање и финансирање на младински проекти.
Она што во моментот е од значење за нас, е што Карпош е прва општина која според новиот Закон за младинско учество и младински политики преку Советот на локалната самоуправа ја одобри иницијативата за формирање Локален младински совет и наскоро ќе објави јавен повик за формирање на иницијативен одбор, како еден од клучните чекори до негово конституирање.
Во духот на слоганот „Младите треба да бидат гласот, а не ехото“ во едно општество Ивана Туфегџиќ, поранешен координатор на Клубот за младински прашања и политики при Собранието на Република Северна Македонија, говореше за младинскиот активизам кој всушност е избор, а изборот е луксуз кој се пружа. Таа ги објасни чекорите со кои се доаѓа до локален младински совет, од промена на статутите во општините, повик за Иницијативен одбор, Собрание на млади, кандидирање и и избор на членови на Младинскиот совет, при што избраните членови на локалниот младински совет имаат советодавна, но и застапувачка функција и можност да иницираат точки на дневен ред на советите.
Според Ана Манасиева од Агенцијата за млади и спорт, не е возможно да се донесат стратегии за млади без учество на младите, задолжително именување на службеник за млади кои ќе ги информира и ќе соработува со младите и дури тогаш можеме да очекуваме фидбек во исполнување на младинските политики. Младите треба да бидат партнер на институциите, а во соработката треба да се вклучи и невладиниот сектор.
Од комуникациски аспект, според експертот за односи со јавност и нови медиуми Бојан Кордалов, младите треба да одлучуваат за младите, а не други да одлучуваат за нив. Потребна е редовна двонасочна комуникација, без говор на омраза и да се охрабруваат градоначалниците во користење на новите комуникациски канали и дигитализацијата воопшто.
Целта на проектот, како што информираа од Младинскиот Сојуз, е развој на вештини кај млади луѓе, младински работници, претставници на локални младински совети, локални носители на одлуки за поддршка на создавање градови пријатели на младите. На конференцијата учествуваа претставници од општините Струмица, Крушево, Центар, Карпош, Струга, Прилеп и Кратово, претставници на граѓански и младински невладини организации и млади луѓе.
Проектот „Град-Пријател на Младите “ е поддржан од Амбасада на САД во Северна Македонија и се стреми да ја подобри состојбата на младинските политики, стрaтегии и механизми на локално ниво.