По повод педесетгодишниот јубилеен роденден од формирањето на Општина Карпош, вкупно 50  деца од сите основни училишта на територијата на општината,  учествуваат во групната маска со костим-срце  – „Со љубов од Карпош“, на традиционалната градска манифестација, организирана од Детскиот културен центар „Карпош“,а под покровителство на Град Скопје по повод 1 Април- Денот на шегата.  Пред да заминат на централната манифестација, градоначалникот Сотир Лукровски, ги поздрави основците од училиштата во Карпош, им посака многу среќа во презентацијата на маската и истакна дека образованието на младите карпошани е важен фактор во изградбата на нивната личност и дека Општината и понатаму ќе инвестира во образованието како важен сегмент од развојот на локалната самоуправа.

-Ми претставува огромна чест и задоволство што денеска, токму вие, сте ни гости во нашата општинска зграда и јас како домаќин ви посакувам многу среќа, радост и успех при презентацијата на заедничката маска, која ја претставува нашата Општина Карпош на дефилето оваа година, по повод денот на шегата- Први Април. Вие, нашите најмлади  жители, основци од Карпош, сте нашата сила и енергија. Вие ни ја давате и мотивацијата  Општина Карпош да ја водиме просперитетно и да ја направиме развиено и убаво место за живеење, – истакна првиот човек на локалната самоуправа, Сотир Лукровски.

Оваа традиционална манифестација „Априлијада“ е наменета за децата, родителите и пошироката јавност и има за цел да ја поттикне детската креативност, уметничкиот израз и духот на сплотеноста, шегата и дружењето.