МАЛИТЕ КАРПОШАНИ СО ГОЛЕМ ТАЛЕНТ
- октомври 18, 2016
- 0
Во салата на Драмскиот театар во Скопје, денеска одѕвонуваа стотици задоволни детски насмевки и воздишки. Поводот беше традиционалниот културно-уметнички настан „Карпош има талент“ 2016. Во организација на локалната самоуправа, традиционалната културна манифестацијасе одржа по петти пат, во пресрет на одбележување на 40 годишниот јубилеј од основањето на Општина Карпош.
Во рамките на оваа манифестација, својот раскошен талент го презентираа учениците од десетте основни училишта ширум локалната самоуправа. Основците танцуваа, пееја, глумеа и другаруваа, така што на овој културно-уметнички настан наместо компетитивен, му дадоа забавен предзнак. Сепак, тричленото жири во состав на актерката Снежана Коневска-Руси, балетскиот педагог Елена Митевска и пејачката Андријана Јаневска имаа деликатна задача, да ги рангираат најталентираните млади карпошани.
Бравурозната сценската изведба на монодрамата на Миа Ристовска од ООУ „Аврам Писевски“, го „магепса“ стручното жири, по што членовите едногласно ја прогласија за најталентирана ученичка за оваа година. Музичко-вокалната изведба на познатиот светски хит „Someone like you“ од Adele, и го донесе второто место на Аника Алексова од ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“. Третото место го поделија, грациозната балерина Анастасија Саша Тофовска од ООУ „Војдан Чернодрински“ и виолинистот Јаков Ангелов од ООУ „Вера Циривири Трена“.
На денешниот културен хепенинг присуствуваа и раководителката на секторот за дејности од јавен интерес, Анета Марковска Илиевска и претседателот на Советот на Општина Карпош, Сашо Лазаровски, кој во оваа пригода им ги додели дипломите на најталентираните млади карпошовци.