МАВРОВСКА ИНФО-ТУРА
- септември 29, 2016
- 0
На покана од менаџерката од IME (Increasing Market Employability) -Елена Иванова, овој вторник, претставници од Општина Карпош остварија работна посета на излетничкото место Бунец – Маврово.
Директорките и дел од наставниот кадар од општинските основни училишта во Карпош, во придружба со раководителката на Секторот за дејности од јавен интерес – м-р Анета Марковска – Илиевска и претставник од одделението за образование, одблизу се запознаа со убавините кои ги нуди мавровската природа.
Во рамки на оваа посета „гостите“ од Карпош зачекорија по „Патеката на Петко и шумските животни“, а подоцна гостите беа и во обиколка на пештерата „Шаркова Дупка“. Овие две места се адаптирани за посета на деца од 6-12 годишна возраст, кои ќе бидат придружувани од обучени водичи во планина според UIMLA стандарди.
Инфо- турата во Бунец беше организирана со цел, да ги запознае своите гости со сите детали од понудата која ги нуди мавровскиот крај. Директорките и наставниот кадар од основните училишта во Карпош се согласија, оваа дестинација да стане дел од идните програмски излети и училишни екскурзии.
Инаку, Програмата за зголемување на пазарната вработливост (IME), помага во креирањето на работни места и зголемување на приходите на невработените и недоволно ангажираните жени и мажи во Македонија, со посебен фокус на младите. Секторот за Туризам и Угостителство, кој функционира во состав на (IME), е фокусиран на три туристички дестинации во Македонија – Охрид, Маврово и Крушево. Целта на оваа организација е да помогне во искористувањето на целокупниот потенцијал на историското, природното и културното наследство преку методологијата за соработка во управувањето со дестинациите на Универзитетот „Ст. Гален“.