Новото детско игралиште, со реквизити за деца, клупи за седење, корпи за отпадоци и лед осветлување беше причина за одржување на маалска дружба во населеното место Криви Дол.

Станува збор за населба која со години беше заборавена и делуваше отсечено од урбаниот дел на Карпош.

 

На маалската дружба присуствуваа жители кои живеат во Криви Дол, кои заедно со своите деца уживаа во убавото време и новата зона за рекреација на најмладите.

На средбата присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој во изјава за медиумите посочи:

  • После долги години, започнуваме да инвестираме во овој дел од Карпош. Најавувам дека следи и целосна реконструкција на една од главните улици во овој дел, ул. „Новопроектирана“ 4А.

Со ова ново детско катче, овозможуваме повеќе простор за најмладите, но и за нивните родители, баби и дедовци кои ќе можат заедно со нив да го поминуваат своето слободно време.

Странично од игралиштето засадивме и нови дрвја, за да се создаде поубав амбиент и да се зголеми зеленилото, рече Богоев.

 

Низ неформален разговор со жителите Богоев се информираше и за другите нивни проблеми. Граѓаните бараат редовна автобуска линија, решавање на метежот на бул. „8 Септември“ и подобра инфраструктура.

За проблемот со автобуската линија градоначалникот им напомена дека ќе го повика директорот на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), со цел да се информира за проблемот и да се изнајде решение, затоа што јавниот транспорт е под надлежност на ова јавно претпријатие.

Исто така, Градот Скопје планира поставување на кружен тек на бул. „8 Септември“ (после х.Александар Палас), со што значително ќе се придонесе во намалување на сообраќајниот метеж.

 

 

Жителите на Криви Дол, сепак, изразија задоволство од новиот детски парк и најавата за реконструкција на улицата, со што значително ќе се олесни пристапот до нивните домови. Тие, искрено се надеваат дека локалната самоуправа ќе продолжи со ова темпо на активности, за што добија уверување и од градоначалникот.