Најчесто поставуваните прашања кои граѓаните на општина Карпош ги адресираат до локалната самоуправа, од денеска се достапни на општинскиот веб сајт,  www.karpos.gov.mk (во почетниот – горен дел).

 

Издвоени се 15 најчесто поставувани прашања, кои се испраќаат до мејл адресите на градоначалникот Стефан Богоев и општината, официјалните профили на социјалните мрежи (Facebook, Twitter, Instagram), како и преку мобилната апликација „мЗаедница“.

 

Оваа листа постојано ќе се дополнува и ажурира, во зависност од новопоставените прашања, одредени измени во регулативата, промена на статус на проекти и др.

 

На овој начин, граѓаните побрзо можат да добијат одговор, на некое прашање кое веќе било поставено. Доминираат прашања и одговори од областа на животната средина (управувањето со отпадот), тековни проекти, поделба на надлежности со градот Скопје, надзорот врз местата каде има градба, начинот на кој може да се добие извод од матични книги, проблемот со паркирање, сообраќајната безбедност и сл.

 

Иако, општина Карпош, според последниот Извештај на Центарот за граѓански комуникации е прогласена за најтранспарентна општина и државна институција, продолжуваме да ја унапредуваме активната транспарентност.

Основната цел е да споделуваме корисни и важни информации за граѓаните и за сите локални чинители.