Положувајќи букет свежо цвеќе пред спомен обележјето на револуционерот Кузман Јосифоски – Питу во населбата Козле, тричлена делегација од Општина Карпош предводена од советниците д-р Добрила Андоновска и Зоран Краљевски, денеска му оддаде почит на големиот македонски херој кој пред осум децении го жртвуваше својот живот пред олтарот на татковината. Пред бистата на револуционерниот деец се поклонија и бројни граѓани, членови на Сојузот на борците, претставници на политички партии, здруженија на пензионери и почитувачи на ликот и делото на Кузман Јосифовски – Питу.

 

Токму на денешен ден во 1944 година Кузман Јосифоски загинува во престрелка со бугарски војник, при обид да го напушти Скопје. Поради својата неуморна народно – ослободителна дејност, многумина го нарекуваат „вториот Гоце Делчев“ на НОБ. Оттука, на 2. август 1945 година, Кузман Јосифоски – Питу е прогласен за Народен херој на Југославија, при што спаѓа меѓу првите борци од Македонија кои го добиле тоа високо одликување (заедно со Стив Наумов, Орце Николов, Страшо Пинџур, Мирче Ацев и Христијан Тодоровски – Карпош).