Со десет припадници на Просторната единица за заштита и спасување, Општина Карпош денеска се приклучи кон симулациската вежба „Брз одговор“, која ја организираше Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во соработка со Воената Академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје. Координираната вежба беше спроведена на кејот на реката Вардар (во близина на Клиниката Аџибадем Систина), која се одвиваше според утврдено сценарио на тема: Спасување на граѓани од поплави на вода и под вода на безбедно место, пружање на Прва помош, тиријажен центар и транспорт до Клиничките центри.

 

Целта на оваа активност беше подобрување на заштитните способности на персоналот и тимовите за брз одговор (ТБО), за спасување на граѓаните од поплави и реакција во инцидентни, вонредни и непредвидливи ситуации, во услови на природни непогоди и други несреќи. Во рамки на симулацијата, акцентот беше насочен кон спроведување на стандардните оперативни процедури во Планот за заштита и спасување на ДЗС, како и реализација на мерките за заштита и спасување, проверка на постапките и тренинг на вработените и ТБО, во согласност со можните природни непогоди и други несреќи.

 

  • Екипата од Карпош одржува редовни вежби како оваа, но исто така и во Центарот за обука на Црвен Крст во Струга, како и на заеднички вежби со ДЗС во Криволак. Станува збор за искусни лица кои освен на обука, својата подготвеност ја покажале и на терен во реални ситуации каква што беше спасувачката мисија во Србија, односно поплавите во Обреновац, потоа во поплавите кои го зафатија Скопје во 2016 година, како и неколку поплави на територија на нашата општина  – истакна Началникот на Штабот за заштита и спасување при Општина Карпош, Раде Мицковски.

 

Дирекцијата за заштита и спасување со два тима, наменски возила, чамци и специјална опрема, раководеше со целокупната активност и ја контролираше рамнотежата, состојбата и развојот на настанот. Клиниката Аџибадем Систина ангажираше еден тим и даде на располагање неколку шатори и опрема, додека пак Црвниот крст на РСМ учествуваше со еден тим, едно возило и маркиранти. Просторната единица за заштита и спасување од Општина Карпош учествуваше со едно возило, а Противпожарната Бригада на Град Скопје настапи со два тима, едно возило, чамци и друга опрема која е предвидена за таа намена.