На покана на Ресурсниот центар за околина (РЕЦ) – БиХ, претставник од Секторот за екологија и енергетска ефикасност од Општина Карпош присуствуваше на првата регионална работилница насловена како „Зајакнување на  регионалната соработка за проценка на состојбата со речните текови и управување со водите во Западен Балкан“, која се одржа во Сараево од 9 до 11 октомври годинава. Работилницата којашто е прва од овој вид во нашиот поблизок регион, се спроведува преку проектот „Брза проценка на водните текови во Западен Балкан“, кој пак го финансира американската владина организација U.S. Forest Service. Покрај Центарот за ресурси во животната средина (РЕЦ) – С. Македонија, партнери во овој проект се и Здруженијата за заштита на животната средина од Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора и Косово.

                Целта на оваа работилница (тренинг), беше преку презентација на учесниците да се идентификува заедничкиот проблем со кој се среќаваат општините од петте земји (учесници на работилницата), и притоа да се идентификуваат идните приоритети на кои би работеле тие во рамки на проектот. Вториот работен ден беше посветен на стручното излагање кое се фокусира на управување со водите во заштитените подрачја. Покрај Општина Карпош, на работилницата учествуваа и претставници од Општина Зелениково.