КАРПОШ СО ПОПЛАВАТА СЕ БОРЕШЕ САМ- ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА ПОТКЛЕКНАА
- август 8, 2016
- 0
Општина Карпош, за време на водената стихија што го зафати Скопје, фактички имаше само една „слаба точка“ а тоа е улицата Јуриј Гагарин на спојот со улицата Кораб, каде се слеваат водите од Средно Нерези.
Уште во текот на врнежите на територијата на Карпош, на најклучните места , на улиците Московска, Хелсинки каде беа поплавени четири куќи, Прашка (еден подрум и едно сметководствено биро) и два подруми во згради на Јуриј Гагарин, каде интервенираше Единицата за заштита и спасување која дејствува во рамките на локалната самоуправа и оттогаш таа е континуирано на терен.
Ова го изјави градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски кој на денешниот координативен состанок со Единицата за заштита и спасување ги сублимираше резултатите од временската непогода и поројните дождови што во саботата, на 6 август го зафатија Скопје.
-Во доцните вечерни часови и во текот на ноќта направивме обиколка на сите 14 урбани заедници и не констатиравме поголеми проблеми ниту во една. Ги обиколивме во Влае 1 и 2 каде немаше поголеми проблеми, освен крајните улици каде имаше повеќе надојдено вода. Исто така со цела екипа направивме проверка и во опсегот од Карпош 1 до Карпош 4 каде беа поплавени само подрумите на една зграда на улицата Вич, како и на Тафталиџе 1 и 2 со споменатите проблеми на критичната улица Јуриј Гагарин.
За жал морам да упатам јавна критика на двете јавни претпријатија, кои иако знаат дека Карпош има само една проблематична точка, на улицата Јуриј Гагарин, ЈП Водовод и канализација не интервенираа ниту еднаш, ниту во текот на поплавите ниту деновиве. Ниту пак Комунална хигиена дојде да исчисти нешто од надојдените камења и гранки. Јас разбирам дека ова е голема катастрофа, посебно она што се случи во Стајковци, Синѓелиќ, Арачиново и Маџари, но не требаше да се заборават ниту граѓаните на Карпош.
Граѓаните на Карпош, рече Јакимовски, најревносно си ги плаќаат давачките за вода и ѓубретарина, односно процентот на наплата е најголем од сите општини, а за возврат немаат никаква услуга во ваква ситуацијуа и сето тоа легна на грбот на локалната самоуправа. Затоа сакам да знаат граѓаните на Карпош дека 40 вработени од Општината кои се во составот на Единицата за заштита и спасување, се тие кои ја вадеа водата од подрумите на граѓаните. Ние со години веќе не сме виделе од ЈП Водовод и канализација да дојдат да ги исчистат сливниците за да има поголем опфат на вода во вакви случаеви.
Инаку Општина Карпош во изминатиот период има изградено 30 километри инфраструктура во атмосферска и фекална канализациј и резултатот од овие капитални инвестиции се видоа сега, зашто во Карпош немаше никаков посериозен проблем, изјави Јакимовски.