КАРПОШ СО ПОДДРШКА ЗА ПРОЕКТОТ „ЕВРОПСКА ПРЕТСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА – СКОПЈЕ 2028“
- декември 29, 2025
- 0
Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски го потпиша Меморандумот за соработка во рамки на проектот „Европска претстолнина на културата – Скопје 2028“ (ЕПК). По тој повод градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска одржа координативна средба на која присуствуваа скопските градоначалници кои исто така ќе бидат инволвирани во овој процес. На состанокот, првиот човек на Град Скопје ги информираше градоначалниците на скопските општини за важноста на овој проект, при што ја побара нивната поддршка која ќе биде од исклучителна важност за реализација на овој проект.
За таа цел е оформено и посебно тело – ЕПК, кое ќе ги координира проектните задачи. Во оваа пригода градоначалникот Ѓорѓиевски побара од скопските градоначалници да назначат одговорно лице од својата локална самоуправа, коешто ќе биде во постојана комуникација со претставниците од ЕПК и ќе ги спроведува заедничките активности. Инаку, денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор за Општина Карпош, која станува активен чинител во најголемиот европски културен процес што некогаш се реализирал во нашиот град. Овој предизвик треба да донесе нова урбана, културна и социолошка трансформација на главниот град и на локалните заедници. Со овој чин, Општина Карпош ја потврдува својата визија за развој, отвореност и европска ориентација, ставајќи ја културата во срцето на локалниот и општествениот напредок.









