КАРПОШ НАБАВИ ЕЛЕКТРИЧНА МАШИНА ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ЈАВНИ ПОВРШИНИ
- октомври 6, 2023
- 0
Од сопствени средства предвидени во Буџетот, Општина Карпош издвои 1.600.000 денари за набавка на нова машина за одржување на јавната хигиена на своја територија. Станува збор за механизација којашто е сертифицирана според програмата на „Зелени машини“, кои се дел од производствената линија на фабриката „Брако“ од Велес. Бидејќи целосно работи на електричен погон, машината пред сѐ не ја загадува околината и не прави бука, а истата е наменета за чистење на поситен отпад, метење и вшмукување на смет на плоштадите, платоата, пешачките патеки и тротоарите ширум општината.
Со цел одржување на чиста животна средина, локалната самоуправа преку поднесен проект во Бирото за регионален развој е во процедура за набавка на уште две таканаречени „паметни машини“, кои би служеле за чистење на понедостапни улици низ Карпош.