Четиричлената делегација од Општина Карпош предводена од градоначалникот Стевчо Јакимовски, Секретарот на локалната самоуправа, Весна Стефанова, членот на Советот, Славко Митревски  и претставници од општинската администрација, положувајќи цвеќе пред споменикот на македонскиот народен херој Кузман Јосифовски – Питу, денеска му оддадоа почит на големиот македонски херој кој пред повеќе од осум децении го жртвуваше својот живот пред олтарот на татковината.

  • Позитивно сум изненаден од големото присуство на овој настан. Ова само потврдува дека нашата локална самоуправа и понатаму треба да дава поддршка на Сојузот на борци при што го замолам Советот на Општина Карпош заедно да донесеме одлука да ја деблокираме сметката на ова здружение. Лично сметам дека нема да го оптовариме општинскиот буџет ако секоја година издвојуваме парични средства за активностите коишто ги заслужувате. И мојата столица и столиците на сите советници кои седат, не е направена од пластика, железо и текстил, туку е направена од коските, крвта и месото на Кузман Јосифовски – Питу и неговите другари. Затоа мора да искажеме должна почит поддржувајќи ги вашите активности какви што се, негувањето на традицијата на Народноослободитената борба која ја пренесувате на најмладите граѓани на територија на општина Карпош – истакна пред присутните градоначалникот Јакимовски.

 

                Во рамки на денешната манифестација, пред бистата на револуционерниот деец се поклонија и бројни граѓани, членови на Сојузот на борците, претставници на политички партии, здруженија на пензионери и почитувачи на ликот и делото на Кузман Јосифовски – Питу.  Токму на денешен ден во 1944 година Кузман Јосифоски загинува во престрелка со бугарски војник, при обид да го напушти Скопје. Поради својата неуморна народно – ослободителна дејност, многумина го нарекуваат „вториот Гоце Делчев“ на НОБ. Оттука, на 2. август 1945 година, Кузман Јосифоски – Питу е прогласен за Народен херој на Југославија, при што спаѓа меѓу првите борци од Македонија кои го добиле тоа високо одликување (заедно со Стив Наумов, Орце Николов, Страшо Пинџур, Мирче Ацев и Христијан Тодоровски – Карпош).