КАРПОШ И ЦРВЕНИОТ КРСТ СО АКТИВНОСТИ ЗА УШТЕ ПОХУМАНА ЗАЕДНИЦА
- март 17, 2021
- 0
Поддршката за социјално – загрозените граѓани, изнемоштени и стари лица е една од примарните дејности на Црвениот крст на Република Северна Македонија, кој денеска одбележува 76 години од формирањето во нашата држава.
На 17 – ти март го одбележуваме и крводарителството во Македонија, како хумана дејност преку која спасуваме човечки животи.
Општина Карпош има континуирана соработка со Црвениот крст, која особено се интензивираше во ек на пандемијата од КОВИД – 19.
Преку заедничка акција формиравме мобилни тимови кои обезбедуваа храна и лекови за постарите лица и граѓаните во изолација; обезбедивме социјални пакети за ранливите категории на граѓани и организиравме крводарителска акција преку која беа собрани единици крв за потребите на Институтот за трансфузиона медицина.
Во овие моменти, локалната самоуправа и Црвениот крст работат на реализација на проектот за „Хумани патроли“ – домашни посета, основна медицинска заштита и поддршка за повозрасните карпошани и граѓаните со попреченост. Во тек е јавниот за обезбедување на негователи, кои ќе бидат обучени од оваа хуманитарна организација за работа со засегнатите граѓани.
Локалната самоуправа на сите вработени лица, волонтери и активисти на Црвениот крст им го честита денешниот ден. Хуманоста и солидарноста се вредности кои нѐ водат и нас како општина во секојдневното работење, а со заеднички проекти и активности придонесуваме за уште похумана заедница.