Доаѓањето во гимназијата „Никола Карев“ секогаш ми буди убави спомени, ме потсеќа на средношколските денови во ова училиште, на раната младост, започна градоначалникот Стефан Богоев, во рамки на денешната Регионална конференција на Здружението на училишни директори „Училишни лидери“, која од 28 до 30 октомври се одржува во Скопје.

 

Пред големиот број на директори на основни и средни училишта од Србија, Црна Гора Хрватска, Словенија и БиХ, Богоев зборуваше за поделеноста на надлежностите во сферата на образованието, но и за проектите кои Карпош ги презема за градење на сеопфатно и инклузивно основно образование.

 

  • Општината значително инвестира во подобрување на инфраструктурата на училиштата. Гледаме да одиме и чекор напред, затоа утре ќе отвориме и нова сензорна соба за ученици со попреченост во ООУ „Вера Циривири – Трена“. Дел од училишните дворови прераснуваат во спортско – рекреативни центри, а со ограничената употреба на мобилните во наставата сакаме да обезбедиме поквалитетно следење на наставата, рече Богоев.

 

Пред присутните, тој се осврна и на фактот дека Карпош претставува „епицентар“ на знаењето. Тука егзистираат голем број на државни и приватни градинки, основни и средни училишта, како и повеќе факултети.

 

Оваа регионална конференција има за цел да обедини училишни лидери од повеќе земји, да разменат искуства и практики кои ќе ги пренесат во своите средини.