КАРПОШ ДОДЕЛИ 150 ПАКЕТИ ЗА ГРАЃАНИТЕ ВО РИЗИК
- април 27, 2021
- 0
Во пресрет на велигденските празници, општина Карпош додели 150 социјални пакети со прехранбени продукти и средства за хигиена на граѓаните кои се наоѓаат во социјален ризик. Годинава, по 26. пат се спроведе хуманитарната акција „Подај рака, донирај за твојот сосед“. Сите производи беа собрани од хуманите граѓани, општинската администрација и општествено одговорни компании и организации, а логистичката поддршка се одвиваше преку Одделението за детска, социјална и здравствена заштита.
Градоначалникот Стефан Богоев денеска оствари кратки средби на отворено со граѓаните од три урбани заедници: Карпош 2, „Владо Тасевски“ и Влае. На сите засегнати им се доделија социјалните пакети, со почитување на мерките за заштита од КОВИД – 19.
- Празничниот период секогаш нѐ потсетува на семејството и блиските. Основната цел е и граѓаните во ризик, поспокојно да ги поминат празничните денови. Оваа пандемија уште повеќе ја истакна социјалната раслоеност во заедницата и затоа е важно постојано да помагаме. Институциите носат најголема одговорност. Како локална самоуправа помагаме и со еднократна помош за граѓаните; периодов доделуваме и душеци за најпогодените домаќинства; даваме финансуски средства за лекување, рече Богоев.
Градоначалникот ги повика сите граѓани на одговорно одбележување на претстојните празници, со цел да се заштити јавното здравје.
Тимот од Одделението за детска, социјална и здравствена заштита на присутните граѓани им ги објаснуваше и начините како да остварат одредено право или да добијат услуга.
Општина Карпош продолжува со континуирана грижа и социјална заштита за најпогодените сограѓани.