КАРПОШ ГИ ОТВОРИ „ПРОЗОРЦИТЕ“ НА ИНКЛУЗИВНОСТА
- јули 11, 2016
- 0
Во организација на непрофитното здружение „Отворете ги прозорците“ на 7 Јули во хотел „Карпош“, се одржа јавна дебата на тема „Инклузијата и предучилишните установи во Општина Карпош“, која е целосно посветена на промовирање на асиситивната технологија,.
На оваа дебата присусутвуваа и претставници од општина Карпош од Одделението за детска, социјална и здравствена заштита и од Јавните установи – општинските детски градинки од територијата на локалната самоуправа.
Помошник раководителот на Секторот за дејности од јавен интерес при општина Карпош, Гордана Стојчевска Зафировска, активно учествуваше во дискусијата, продлабочувајќи ја соработката со оваа непрофитна организација. Се говореше за активностите кои ги презема локалната самоуправа за помош и поддршка, кои се однесуваат на лицата со попреченост, со цел, подобрување на нивниот квалитет на живот.
Во рамките на оваа средба, беа презентирани и резултатите од истражувањето во сите градинки на територијата на Општината, кое се спроведе во мај, годинава. Наодите покажаа дека четири проценти, од вкупниот број на деца во градинките се деца со попреченост. Инклузијата на децата не е организиран процес и во најголема мера зависи од волјата и ангажманот на вработените.
Активностите се дел од проектот „Инклузија во ран детски развој“, спроведуван од здружението „Отворете ги прозорците“, во рамки на проектот Партнерство за помирување преку ран детски развој и образование во Европа (ПРЕЦЕДЕ) кој во Македонија го спроведува Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.